Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија се врати од Букурешт, каде што го одигра првиот натпревар од ноемврискиот циклус на претквалификациите за Евробаскет 2029.
Иако македонските кошаркарки забележаа пораз од Романија, во репрезентативниот табор владеат позитивна атмосфера и оптимизам. Вербата во потенцијалот на младата селекција останува силна, со очекувања за понатамошен напредок и подобри резултати.
Следниот предизвик за избраничките на селекторот Виктор Петровски е натпреварот против Естонија, кој е закажан за сабота (14 ноември), со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.
Тијана Митрева истакнува дека во репрезентацијата владее одлична атмосфера, а особено ја радува хемијата меѓу кошаркарките и чувството на заедништво, кое е присутно како надвор од теренот, така и за време на натпреварите.
Според неа, токму тимскиот дух, меѓусебната поддршка, желбата и борбеноста се важни предуслови за развој и напредок на оваа млада репрезентација во периодот што следува.
„Ваква хемија во репрезентацијата одамна немам почувствувано. Знам дека надвор од теренот сме многу поврзани, но она што најмногу ме радува е што таа поврзаност уште повеќе се чувствува на теренот. Си веруваме, се поддржуваме и се бориме една за друга.
И покрај поразот во Романија, можам да кажам дека сум навистина задоволна од она што го покажавме на теренот. Покажавме огромна желба, карактер и борбеност, а тоа за мене е многу поважно од самиот резултат.
Свесни сме дека секој почеток е тежок и дека е потребно време за да се изгради нешто вистински квалитетно. Но токму енергијата, карактерот и заедништвото што ги покажавме се доказ дека оваа репрезентација има светла иднина“.
Во сабота, следува нов предизвик – Естонија?
„Пред нас е уште еден натпревар на домашен терен, што ни дава дополнителна мотивација и желба да се покажеме во најдобро светло. Да се игра пред домашната публика е посебно чувство и дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Верувам дека ова е само почеток на нешто убаво и дека најдоброто допрва доаѓа“, истакнува Тијана Митрева.
Македонија и Естонија ќе се сретнат во сабота во Штип. Поддршката од трибините ќе биде дополнителен мотив за нашите кошаркарки во обидот да стигнат до позитивен резултат во вториот натпревар од претквалификациите.