ГРК Охрид продолжува со сигурни настапи во домашното првенство. Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп имаше убедливо издание на гостувањето кај Мулти Есенс, од каде си замина со триумф од 42-26 во рамките на седмото коло во Супер лигата.
Охриѓани брзо ја презедоа контролата врз резултатот и уште во првото полувреме најавија убедлив исход. Со осум гола предност на паузата (21-13), избраниците на Борис Ројевиќ имаа одлична основа за продолжението, во кое дополнително ја зголемија разликата и стигнаа до максимални плус 16.
Доминик Мате со осум погодоци беше најефикасен во победничкиот состав. Кај домаќините, Ѓорѓиевски, Гурмешевиќ и Ѓокески постигнаа по четири гола.
За Охрид ова беше петти триумф сезонава, додека Мулти Есенс и натаму ја чека првата победа, со два освоени бода досега.
Во следното коло Мулти Есенс ќе се соочи со Струга, додека Охрид на домашен терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер 2, со цел да продолжи во победнички ритам.