Второто коло во Првата македонска футсал лига започнува вечерва со дуелот меѓу СЕЕ Университи и актуелниот шампион Проект, кој е закажан за 19:00 часот. Домашниот тим ќе се обиде да приреди изненадување против бранителот на титулата, кој и оваа сезона влегува со највисоки амбиции.
СЕЕ Университи, кој се врати во елитното друштво, успешно го започна новиот шампионат. Во првото коло, на гостувањето во Кавадарци кај Клими, одигра 3:3 и освои важен бод. Сега го очекува нов сериозен тест против Проект, екипа која ја започна сезоната со убедлив триумф.
Шампионот на домашен терен славеше со 6:3 против Јувентус Серава и најави дека повторно ќе биде меѓу главните кандидати за трофеите. Проект оваа сезона ја брани шампионската титула, но и трофејот во Купот на Македонија, со амбиција да ја повтори минатогодишната двојна круна.
Второто коло продолжува утре со два натпревари. Шкупи на домашен терен ќе го пречека Кеги Моби во дуел во кој домашниот состав ќе ја бара првата победа, откако во првото коло ремизираше со Форца. Кеги Моби ќе го игра првиот меч, бидејќи во првото коло службено го доби мечот со Осогово, кој не се појави на теренот.
Од 19:30 часот, Железарец ќе игра против Осогово од Крива Паланка. Поранешниот македонски шампион и повратник во Првата лига ќе ја има предноста на домашниот терен и ќе влезе како фаворит. Осогово, пак, ќе се обиде да стигне до првите бодови, откако не го одигра натпреварот од воведното коло и не се појави на теренот.
Колото ќе биде комплетирано в понеделник со уште два натпревари. Бутел ќе се соочи со Клими, при што домашниот тим ќе ја има фаворитската улога, додека гостите ќе бараат можност за позитивен резултат.
Последниот натпревар од второто коло ќе се одигра од 20:00 часот, кога Јувентус Серава ќе ја пречека Форца од Куманово. За домаќините ова ќе биде тежок предизвик по поразот од Проект во првото коло, додека Форца ќе се обиде да стигне до позитивен резултат на гостувањето.