Јован Кузмановски е избран за нов претседател на Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола, соопштија официјално од клубот.
Кузмановски доаѓа на местото на Бојан Давков, кој одлучи да се повлече од претседателската функција од лични причини.
Новиот претседател е познат кошаркарски работник, а неговото назначување носи очекувања за понатамошен развој на клубот, со акцент на финансиската стабилност и остварувањето на спортските цели.
„Сакаме пехар за битолчани, сакаме полни трибини. Ги сакаме „Чкембари“ со нас на натпреварите, со нивното навивање Пелистер го носат напред“, изјави Кузмановски.
Покрај Кузмановски, раководството на Пелистер го сочинуваат спортскиот директор Предраг Созовски и тренерот Тане Спасев, кои заедно ќе работат на реализација на плановите и амбициите на битолскиот клуб во претстојниот период.