Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица е исфрлен од натпреварувањето во Третата македонска лига – Регион 3, откако по првите пет кола од сезоната 2026/2027 неоправдано не одигра два натпревари. Клубот со богата традиција се соочува со еден од најтешките периоди во својата историја, а последиците од ваквиот развој на настаните ќе се одразат и врз продолжението на првенството.
Причината за исфрлањето е јасна – Тиверија не се појави на теренот на два натпревари, со што ги прекрши пропозициите за натпреварување. По донесената одлука, сите резултати на струмичани во досегашниот дел од сезоната ќе бидат избришани, односно нема да важат постигнатите голови и освоените бодови на противничките екипи во дуелите со Тиверија.
Сезоната за струмичкиот тим започна исклучително лошо. Во првото коло, на гостувањето во Свети Николе, Тиверија загуби убедливо со 11:0 од Овче Поле, а во второто коло на домашен терен претрпе уште еден тежок пораз, овојпат со 0:13 од Дојранско Езеро.
Проблемите продолжија во третото коло, кога Тиверија не отпатува во Берово за гостувањето кај Малеш. Поради неоправданото отсуство, клубот беше санкциониран со одземање на три бода. На следниот натпревар, струмичани повторно беа убедливо поразени, откако на домашен терен загубија со 2:10 од Хоризонт Турново.
Последниот случај се случи во рамките на петтото коло. Тиверија требаше да гостува кај Каменица Саса во Македонска Каменица, но екипата од Струмица повторно не се појави на стадионот за да го одигра предвидениот натпревар.
По второто неоправдано неиграње, следуваше најлошото сценарио за клубот – исфрлање од натпреварувањето, согласно пропозициите. Со тоа, Тиверија го завршува настапот во актуелната сезона, а останатите екипи ќе мора да се приспособат на изменетата ситуација во лигата.
- ТАБЕЛАТА ВО ТРЕТА ЛИГ РЕГИОН 3 ПО ИСКЛУЧУВАЊЕТО НА ТИВЕРИЈА ОД НАТПРЕВАРУВАЊЕ:

Првенството ќе продолжи со 11 екипи, а во секое наредно коло по една екипа ќе биде слободна. Дополнително, по бришењето на резултатите со Тиверија, досегашната табела ќе претрпи промени, бидејќи на клубовите нема да им се пресметуваат бодовите и головите од натпреварите против струмичани.
Случувањата се особено разочарувачки ако се земе предвид историјата на клубот. Тиверија е основана во далечната 1923 година, додека спортското друштво започнало со работа уште во 1921 година. Во минатото, клубот настапуваше и во Втората македонска лига, а неговото име со децении е дел од фудбалската традиција на Струмица.
Исфрлањето од натпреварувањето отвора сериозни прашања за состојбата во клубот и потребата од промени, организациска стабилизација и враќање на основните услови за функционирање. Кога во струмичкиот регион повторно се активираат фудбалски клубови во повеќе населени места, по години стагнација, и кога интересот за фудбалот во селските средини расте, ситуацијата со Тиверија претставува тежок удар за фудбалот од тој крај на државата.
Клуб со повеќе од еден век традиција сега се наоѓа пред сериозен предизвик. Останува да се види дали во наредниот период ќе се преземат конкретни чекори за стабилизирање на состојбата и зачувување на фудбалската приказна на Тиверија.