Натпреварот со Еурофарм Пелистер 2 е минато, Младост се фокусира на следниот предизвик во Суперлигата против Куманово во гости, меч од 7. коло.
Пред натпреварот разговаравме со Далибор Лукиќ, кој е помошник на стратегот Горан Андоновски, со кого зборувавме за мечот од претходното коло со битолскиот тим, но и за тоа што следува во сабота.
Лукиќ истакна дека жалат што не ја израдувале верната публика, дополнувајќи дека максимално се подготвуваат на што подобра тактичка припрема.
„Позади нас е натпреварот со Еурофарм Пелистер 2, на кој повторно пропуштивме шанса да ја запишеме првата победа оваа сезона, жалиме што не ја израдувавме нашата верна публика која безрезервно ни дава поддршка на секој натпревар оваа сезона. Оваа недела максимално сме посветени на што подобра тактичка припрема за тешкото гостување во Куманово и опоравување и оспособување на повредените Андоновски и Ѓуриќ. Иако времето до натпреварот е кратко се надевам дека ќе се опорават и ќе настапат на истиот“, изјави Далибор Лукиќ.
Дуелот со Куманово ќе биде можеби најтешкиот дуел во досегашниот дел од сезоната, вели Лукиќ, но истакна дека Младост знае да се носи со притисокот и знае да одигра на гостински терен, каде има два многу битни бодови од гостувањата со Бутел и Мулти Есенс.
„Сметам дека не очекува можеби најтешкиот дуел во досегашниот дел од сезоната. Екипата на Куманово има освоено само еден бод и по секоја цена ќе атакува на победа на овој дуел. Но, Младост оваа сезона докажа дека одлично се носи со тој притисок, знае да одигра на гостински терен, имаме искусни играчи во нашиот ростер и донесе два многу битни бодови од гостувањата кај Бутел и Мулти Есенс. Очекувам борба до последна секунда и се надевам дека конечно ќе ја израдуваме нашата верна публика со првата победа во оваа сезона“, речи Лукиќ.
Натпреварот меѓу Куманово и Младост се игра во сабота во спортската сала „Перо Наков“ во 16:30 часот.