Младиот боксер Арабел Рустемовски, кој освои бронзен медал на Европското првенство за боксери до 17 години во Будва, Црна Гора, беше примен во кабинетот на градоначалникот на Општина Битола.
Рустемовски оствари значаен успех на европската сцена, достојно претставувајќи ги македонскиот бокс и својот роден град. Освоениот бронзен медал е потврда за неговиот талент, посветеност и вложениот труд, но и поттик за понатамошно напредување во спортската кариера.
На средбата беше изразено задоволство од постигнатиот резултат, како и подготвеност за поддршка на младиот спортист во неговиот понатамошен развој.
„Чест е за мене, но и за Битола, што Арабел се врати со бронзен медал од Европското првенство за боксери до 17 години. Ова е голем успех и за него и за нашиот град, за што сме му благодарни. Ја искажавме и нашата определба за поддршка на Арабел како млад и перспективен спортист“, беше истакнато на средбата.
Дополнително, беше посочено дека новата боксерска сала, која е во изградба, ќе претставува значаен простор за тренинг и развој на младите боксери, меѓу кои и Рустемовски, кој таму ќе може да продолжи да ја гради својата спортска кариера.
Успехот на младиот боксер е уште една потврда за потенцијалот на младите спортисти од Битола и за значењето на вложувањата во спортската инфраструктура. Создавањето подобри услови за тренинг и развој е важен чекор кон поддршка на новите генерации спортисти и постигнување нови успеси на домашната и меѓународната сцена.