Фудбалската репрезентација на Македонија со пораз ги заврши натпреварите во овој циклус од Лигата на нации, откако во Луцерн загуби од Швајцарија со 3:0 во четвртото коло од Б-дивизијата.
Македонија во првото полувреме покажа далеку подобро издание и во одредени периоди успеваше да му создаде проблеми на фаворизираниот домаќин. Со агресивен пристап и висок пресинг, избраниците на Гоце Седлоски неколкупати ја натераа швајцарската одбрана на грешки, но недостигаше завршниот удар.
Првата посериозна можност ја имаа домаќините преку Ндоје, но неговиот удар заврши во рацете на Столе Димитриевски. Македонија потоа возврати, а најблиску до погодок беше по нафрлањето на Елиф Елмас, кога Столе Стојчевски со глава шутираше над голот.
Нашата селекција продолжи да се заканува. Димитар Митровски имаше можност по асистенцијата од Енис Барди, а во уште една акција Барди нафрли кон вториот дирек, но повторно немаше реализација.
И токму кога се очекуваше на пауза да се замине без голови, Швајцарија го искористи првиот поголем пропуст во нашата одбрана. Фабиан Ридер во 43. минута ја казни грешката и донесе 1:0 за домаќинот.
Во вториот дел Швајцарците влегоа многу поагресивно и веднаш ја презедоа контролата врз случувањата на теренот. Седлоски се обиде да одговори со двојна замена, внесувајќи ги Азер Омерагиќ и Матеј Гаштаров на местата на Елмин Растодер и Љупчо Дориев.
Сепак, Македонија тешко создаваше опасност пред голот на домаќинот. Во 73. минута следеше нов удар за нашата репрезентација – Јохан Манзамби шутираше од далечина, а Димитриевски не успеа да го запре ударот за 2:0.
Само неколку минути подоцна дојде и третиот погодок. Македонија загуби топка во опасната зона, Дан Ндоје ја искористи ситуацијата и без поголеми проблеми реализираше за конечни 3:0.
По четири одиграни натпревари, Македонија останува без бод во групата и сè уште без постигнат гол. Црната серија без погодок продолжи на осум натпревари, односно 787 минути.
Во последните два натпревари од групната фаза во ноември, Македонија прво ќе ја пречека Словенија, а потоа ќе гостува кај Шкотска.