Пелистер дефинитивно е најпријатното изненадување во Првата женска фудбалска лига, тимот од Битола кој е нов член во елитата по осум кола има 17 бодови и се наоѓа на високото трето место.
По високиот пораз во првото коло од Тиверија Брера во Струмица од 7:0, Пелистер е сосема „друга“ екипа на терен со пет победи во низа, со кои се искачи во горниот дел од табелата, а во низа има и две ремија со конкурентите за титулата, Каменица Саса и шампионот Скопје.
По осум кола во ПЖФЛ, разговаравме со Мила Талевска, една од поискусните фудбалерки во Пелистер, но и во македонскиот фудбал, која се согласува дека дефинитивно Пелистер е едно од пријатните изненадувања во шампионатот.
„Мислам дека со резултатите кои ги постигнавме досега, дефинитивно можеме да кажеме дека сме едно од пријатните изненадувања во шампионатот. Но, најважно е што зад овие резултати стои многу работа, дисциплина и одлична атмосфера во екипата. Не би сакала да се оптоваруваме со тоа дали сме хит, туку да продолжиме да работиме и да покажуваме на теренот“, вели Талевска за Спортска Мрежа.
Атмосферата е одлична и тоа е една од најголемите сили на Пелистер, според Талевска, кој со гол обезбеди бод во дуелот со Скопје во Пржино.

„Атмосферата во тимот е навистина топ. Мислам дека токму тоа е една од нашите најголеми сили. По почетниот пораз покажавме карактер и успеавме да направиме одлична серија, а двете ремија дополнително покажаа дека можеме да се носиме со различни противници. Сите сме мотивирани, се поддржуваме меѓусебно и мислам дека тоа се гледа и на терен“, дополнува Талевска.
Талевска зборуваше и за следниот предизвик на Пелистер, во рамките на 9. коло на домашен терен против лидерот Љуботен.
„Ние во секој натпревар влегуваме со желба да победиме, без разлика кој е противникот. Љуботен е лидер и заслужено е на врвот, но ние играме дома и верувам дека можеме да одиграме уште еден добар натпревар. Дали ќе се вклучиме во трката за титулата, мислам дека е рано да зборуваме. Сезоната е долга, има уште многу натпревари, па најважно е да одиме чекор по чекор и да собираме бодови и да продолжиме да ја градиме оваа позитивна серија“, раскажува искусната фудбалерка.
Талевска зборуваше и на личен план, вели дека е задоволна од досега прикажаното, вели како најискусна во тимот, чувствува одговорност да биде пример и да помага кога е најпотребно.
„Задоволна сум од досега прикажаното, но уште повеќе ме радува тоа што целиот тим игра добро и функционираме како една целина. Како најискусна во екипата, чувствувам одговорност да бидам пример и да помогнам кога е најпотребно. Лично, сакам да продолжам во овој ритам и со моето искуство и игра да придонесувам за уште повеќе бодови и добри резултати за Пелистер“, заклучува Талевска.
Пелистер по осум кола е на третото место, а во деветтата рунда пред битолскиот прволигаш е соочувањето со лидерот Љуботен.