Шефот на стручниот штаб на ТФТ, Боро Смилковски, е задоволен од работата на екипата во подготвителниот период, во кој тимот одигра десет контролни натпревари.
„Во изминативе месец и половина успеавме да реализираме еден воведен циклус на подготовки, надополнет со 10 подготвителни натпревари. Лично сум задоволен од физичката и тактичката подготвеност на екипата за почетокот на сезоната“, вели Смилковски.
Тој очекува возбудливо и израмнето првенство, особено поради новиот систем на натпреварување и учеството на десет екипи. ТФТ во новата сезона влегува со изменет и млад ростер, но амбициите остануваат високи.
„Нов систем на натпреварување, десет екипи и израмнет квалитет во лигата се одлична најава дека ќе сведочиме на крајно возбудливо првенство. Со еден изменет ростер, можеби и најмладата екипа во овогодинешното првенство, не отстапуваме од целите за борба за висок пласман, како во домашното првенство, така и во АБА2 лигата.
На нас, од стручниот штаб, ни преостанува да бидеме трпеливи во работата и максимално да го поддржиме овој проект. Веруваме во својата работа, веруваме во талентот на екипата и веруваме дека добрите резултати нема да нè заобиколат ни годинава“, истакнува тренерот на ТФТ.
Во првото коло ТФТ го очекува тежок предизвик на гостински терен против Пелистер во Битола. Смилковски има голема почит кон противникот и неговиот тренер Тане Спасов, но верува дека неговиот тим може да се врати со позитивен резултат.
„Исклучително тежок натпревар на гостински терен во Битола. Голема почит кон работата на тренерот Тане Спасов. Нова и добра екипа, млади играчи желни за докажување. Пред сè, верувам дека ќе сведочиме на модерна и добра кошарка, во која најверојатно ќе решаваат детали во играта околу победникот.
Верувам во сработеното и се надевам на позитивен резултат“, порача Смилковски.
Новата сезона во МТЕЛ Суперлигата започнува овој викенд, а дуелот во Битола ќе биде еден од натпреварите кои ќе го означат стартот на новото првенство.