Ѓорче Петров претстојниот викенд ќе биде во знакот на женскиот ракомет, но и на богата спортско-забавна програма која ќе ги обедини ракометарките, најмладите, навивачите и сите љубители на спортот.
На 26 и 27 септември, Општина Ѓорче Петров ќе биде домаќин на големиот ракометно-забавен хепенинг „Денови на женскиот ракомет“, посветен на женскиот ракомет и на сите девојки кои со својата посветеност и труд ја градат спортската приказна на оваа општина.
Во текот на целиот викенд ќе има целодневна спортско-забавна програма, со ракометни активности, дружење и позитивна атмосфера. Посебно внимание ќе привлече Ол-стар натпреварот, но и можноста посетителите да се фотографираат со шампионките и шампионскиот пехар.
На настанот посебно ќе бидат опфатени и најмладите. За нив е подготвена бесплатна забава со замоци, трамболини и игри без граници, со што организаторите сакаат спортскиот викенд да биде интересен и за најмладите посетители.
Покрај спортскиот дел, присутните ги очекува и богата музичка програма со голем број ѕвезди, дополнета со дружење и атмосфера исполнета со енергија и забава.
„Ракометните лавици“ од Ѓорче Петров заслужуваат поддршка, а овој викенд ќе биде можност заедно со своите сограѓани и навивачи да ја прослават и двојната круна.
Со „Денови на женскиот ракомет“, Ѓорче Петров уште еднаш ја потврдува својата поврзаност со спортот и ракометот, создавајќи настан кој треба да донесе спорт, енергија, забава и незаборавна атмосфера.
Ѓорче Петров повторно живее за спортот – а овој викенд во центарот на вниманието ќе биде женскиот ракомет.