Охрид е нов лидер во Втората македонска фудбалска лига откако „рибарите“ славеа со 0:2 на гостувањето кај Детонит Плачковица во заостанатиот натпревар од второто коло.
По првото полувреме без голови, Охрид го отвори резултатот на стартот од вториот дел. Давид Матески погоди за 0:1, со што гостите го направија првиот чекор кон трите бода.
Во продолжението, Охрид ја потврди победата со уште еден погодок. Абдулахи Јахја, популарниот Шкор, кој влезе од клупата, ја затресе мрежата по асистенцијата на најдобриот стрелец на тимот, Антонио Кланоски, за конечни 0:2.
Со новите три бода, Охрид стигна до 15 бодови и го презеде првото место, со еден бод повеќе од Пелистер, кој сега е второпласиран.
Во вториот заостанат натпревар, Работнички славеше со минимални 0:1 на гостувањето кај Тетекс. Стрелец на единствениот гол беше Јован Бошнаков, со што „романтичарите“ ја запишаа втората победа во низа и стигнаа до вкупно четири триумфи сезонава.
Работнички, сепак, има уште еден натпревар за доигрување. Станува збор за одложениот дуел од петтото коло против Брера Струмица.
Доколку скопскиот состав слави во тој натпревар, ќе стигне до делба на првото место со Охрид, а со одигрувањето на последниот заостанат натпревар ќе биде комплетирана табелата во Втората македонска фудбалска лига.