Вчера во Штип беше комплетирано осмото коло од Првата македонска фудбалска лига, со што е познат и конечниот изглед на табелата по осум одиграни натпревари.
Шкендија останува лидер на табелата со 19 бодови. Тетовскиот состав има шест победи, едно реми и еден пораз. На второто место е Струга Трим Лум со 17 бодови, додека актуелниот шампион Вардар е трет со 14 бодови.
На делба на четвртото место се Тиквеш и Шкендија Арачиново, со по 13 бодови. Голем скок направи Брегалница, која по победата во Штип против Скопје се искачи на шестата позиција со 10 бодови.
Останатите екипи имаат едноцифрен број бодови. Силекс е седми со девет бодови, додека во бараж-зоната се наоѓа Арсими со осум бодови. Во зоната за директно испаѓање се Башкими со четири бодови и Скопје, кој останува на последното место со само три бодови.
Статистички гледано, Скопје е единствениот тим кој по осум одиграни кола сè уште нема победа. Најмногу порази има Башкими – вкупно шест, додека Шкендија е тимот со најмногу победи, шест.
Кога станува збор за ефикасноста, Шкендија има најдобар напад со 20 постигнати голови, додека Струга Трим Лум ја има најдобрата одбрана со само пет примени погодоци.
Најмалку ефикасен напад има Скопје, кој во осум натпревари постигна само три гола. Неефикасни се и Шкендија Арачиново и Арсими, кои имаат по шест постигнати голови.
На спротивниот крај е Башкими, кој ја има убедливо најслабата одбрана во лигата со 25 примени голови. Арсими, пак, има примено 19 погодоци во досегашниот дел од сезоната.
По комплетирањето на осмото коло, следува репрезентативната пауза, по која прволигашите ќе продолжат со борбата за бодови во деветтото коло.