Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов нема да биде во можност да настапи за македонската репрезентација на натпреварите против Швајцарија, Словенија и Шкотска во рамки на претстојниот репрезентативен прозорец од 26 септември до 6 октомври.
Причината е административна процедура поврзана со неговиот престој и работниот статус во Полска. Неговиот клуб, Погон Шчечин, доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната документација за неговиот престој и работен ангажман.
Чурлинов во моментов подолг период се наоѓа во Европската Унија без да ја напушти нејзината територија. Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена.
Неговото напуштање на Европската Унија во овој момент би можело да создаде проблем при повторниот влез во Полска, бидејќи би следела проверка на исполнувањето на условите за влез и престој, со оглед на надминувањето на дозволениот период без соодветна документација.
Тоа значи дека евентуалното доаѓање на Чурлинов во Македонија за време на репрезентативниот собир би можело да го доведе во прашање неговото враќање во Полска, односно да биде предмет на дополнителни проверки и соодветни постапки поради неговиот статус.
Фудбалската федерација на Македонија за ситуацијата била информирана непосредно пред официјалниот репрезентативен собир. Поканата за настап на Чурлинов за претстојните натпревари, согласно утврдените процедури, до неговиот клуб била испратена пред три седмици.
Според информациите добиени од Полска, за комплетирање на целата постапка и обезбедување на потребната документација се потребни најмалку две недели. Поради тоа, во овој момент не постои можност Чурлинов да ја напушти Полска и да се приклучи на репрезентацијата без ризик за неговиот понатамошен статус.
ФФМ останува во комуникација со сите инволвирани страни со цел административната процедура да биде решена во најкраток можен рок. За случајот е информирана и Амбасадата на Македонија во Полска, додека со ситуацијата е запознаена и УЕФА, со цел да се изнајде соодветно решение во рамки на важечките процедури и прописи.
Селекторот Гоце Седлоски дополнително ќе одлучи дали ќе повика друг фудбалер на местото на Чурлинов за претстојните натпревари.