Еден од најстарите и најконтинуираните спортски настани во Македонија, но и еден од најтрадиционалните во одбојкарскиот календар, меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, годинава го одбележува своето јубилејно, 50. издание.
По повод големиот јубилеј, организаторите на турнирот – семејството на одбојкарската легенда Бранко Хаџииљоски, заедно со Одбојкарската федерација на Македонија, донесоа одлука Меморијалот да добие нова димензија.
Имено, почнувајќи од ова јубилејно издание, „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ прераснува во Суперкуп на Македонија, кој во иднина ќе се одржува секоја година непосредно пред почетокот на новата сезона.
„По пет децении одржување на турнирот донесовме заедничка одлука со Федерацијата од ова јубилејно издание истиот да премине во Суперкуп, кој ќе го носи името ‘Бранко Хаџииљоски Чајка’ Суперкуп. Низ годините бевме сведоци дека овој турнир беше ставен во функција на националните тимови, се одржуваше и на клупско ниво, мажи и жени, ветерани… Мислам дека преминот во Суперкуп ќе претставува сублимат на најдоброто на домашната сцена и во машка и во женска конкуренција“ – потенцира Ивица Хаџииљоски, син на легендата и актуелен потпретседател на ОФМ.
50. јубилеј на турнирот „Чајка“ ќе се одржи на 7 октомври во салата на Средното економско училиште „8. Септември“ во Тетово.
Програмата ќе стартува со Суперкупот во машка конкуренција во кој ќе се сретнат ланските финалисти во првенството и во Купот, Штип УГД и ГОК Борец од 17 часот, додека во 19:30 часот ќе се игра и женскиот Суперкуп меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот на ОФМ 2026, Вардар ЕМ.