Брера Струмица ја забележа највисоката победа во 6. коло на Втората лига славејќи убедлива победа од 7:0 над Шкупи, во дуел на двата лански второлигаши.
Тимот од Чаир беше инфериорен противник и можеше да парира само во првиот дел, а во второто полувреме во целост се „распадна“ откако мрежата беше наполнета до врв со погодоци.
Бојан Велков погоди во првиот дел за водство на Брера од 1:0 на полувреме. Стартот од второто полувреме донесе брз погодок за двојна предност на Брера откако реализираше Владимир Жоглев.
Во продолжението од мечот Шкупи немаше идеја во самата игра, а Брера ја користеше секоја шанса која ќе ја имаше, во 59. минута Иван Танчев постигна гол за високи 3:0. Само три минути подоцна Жоглев постигна уште еден гол за убедливи 4:0.
Дождот во Струмица донесе многу погодоци, а Игор Ристов во 69. минута постигна гол за убедливи 5:0. Како засилуваше дождот во Струмица така и головите во мрежата на Шкупи се полнеа, Иван Шириќ погоди за високи 6:0 во 75. минута. Десет минута подоцна Игор Ристов постигна уште еден гол за водство од 7:0.
Ова беше соочување на двата лански прволигаши, а Шкупи во очајна форма останува и натаму да се надева дека ќе дојде до прв позитивен резултат, бидејќи како тргнало тимот од Чаир гледа кон испаѓање во Трета лига регион 1.
Брера Струмица која има меч помалку се наоѓа на второто место на табелата со 13 бодови, еден помалку од лидерот Пелистер.