Кошаркарот на КК Пелистер, Благој Димитриев, верува дека новиот состав има потенцијал за успешна сезона, но посочува дека клучот ќе биде во максималната посветеност и тимската работа.
„Ова е нова екипа, нов стручен штаб и нова управа. Од почетокот на подготовките ми се допаѓа како нашиот тренер разговара со нас. Ни кажа кој што треба да работи и што се очекува од секој од нас. Сега останува на нас со целосен фокус и добра работа да му се оддолжиме за довербата.
Имаме доста нови играчи, па нормално е да ни треба време за да се воиграме и да функционираме како тим. Најважно е во овој период да тренираме добро, да се запознаеме меѓусебно и да ги прифатиме замислите на стручниот штаб. Само така можеме да бидеме подготвени за она што нè очекува во сезоната.
Во последно време сите екипи се обидуваат да соберат што е можно подобри домашни и странски кошаркари. Конкуренцијата е голема и секој клуб има свои амбиции. Наше е да се бориме на секој натпревар, да не се откажуваме и да го извадиме максимумот од оваа екипа.
Сигурно дека сакаме да имаме успешна сезона и да ги радуваме нашите навивачи. За тоа ќе биде потребно многу работа, дисциплина и заедништво, но мислам дека имаме добар потенцијал и верувам дека можеме да покажеме квалитетна кошарка“, додава Димитриев.
Со новиот состав и стручниот штаб, Пелистер во новата сезона влегува со јасна цел – постепено да го гради тимскиот карактер и да го подигнува нивото на игра. Подготовките ќе бидат период во кој новите кошаркари треба да се вклопат, а екипата да ги усвои идеите на тренерот. Димитриев верува дека со максимална работа, дисциплина и заедништво, битолскиот клуб може да покаже дека има квалитет да се надигрува со најдобрите.