Детонит Плачковица продолжува да биде клуб кој дава простор и можност за развој на млади фудбалски таленти, а потврда за тоа е и најновиот репрезентативен успех на двајца фудбалери кои се дел од радовишкиот второлигаш.
Емир Шаботиќ и Давид Голубов се најдоа на списокот на младинската репрезентација на Македонија до 20 години која ќе настапи на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
Шаботиќ е 18-годишен везен фудбалер кој потекнува од школата на скопски Вардар. Тој ги помина сите младински категории на „црвено-црните“, а во својата репрезентативна кариера настапуваше за селекциите на Македонија до 17, до 18 и до 19 години. Минатата година направи трансфер во Детонит Плачковица, каде доби можност за нов чекор во својот фудбалски развој и стана важна алка во тимот на Горан Здравков.
Во радовишкиот клуб е и Давид Голубов, 20-годишен фудбалер кој годинава пристигна од прволигашот Тиквеш. Голубов исто така потекнува од школата на Вардар, а во досегашната кариера беше дел и од Скопје, Кул, Каменица Саса, Охрид и Осогово.
Двајцата фудбалери веќе имаат искуство со настапи за младинските репрезентативни селекции, а сега добиваат можност да бидат дел од македонскиот состав на голем меѓународен спортски настан.
За Детонит Плачковица, присуството на двајца младински репрезентативци во составот на Македонија до 20 години е уште една потврда дека клубот не се фокусира само на резултатите, туку и на создавање услови за развој на млади фудбалери.
Шаботиќ и Голубов се пример дека преку вистинска работа, минутажа и доверба, младите играчи можат да направат чекор напред и да стигнат до репрезентативниот дрес.