Фудбалската федерација на Македонија и аптеките ВИА ФАРМ официјално започнаа соработка преку договор за партнерство и спонзорство, со кој дополнително се зајакнува поддршката за медицинската грижа во македонските национални селекции.
Како дел од соработката, ВИА ФАРМ ќе обезбедува медицински средства и суплементи потребни за репрезентативните тимови, со што ќе се создадат уште подобри услови за здравствена грижа, регенерација и подготовка на фудбалерите.
Во ФФМ истакнуваат дека ваквите партнерства имаат особено значење во градењето на стабилен и функционален систем за поддршка на сите национални тимови, почнувајќи од најмладите категории, па сè до сениорската А репрезентација.
„Здравјето и медицинската грижа за нашите репрезентативци се еден од важните сегменти во функционирањето на секоја репрезентација. Преку партнерството со ВИА ФАРМ обезбедуваме дополнителна и квалитетна поддршка за сите наши селекции. Веруваме дека соработката ќе биде успешна и долгорочна, а најголема придобивка ќе имаат нашите фудбалери и медицинските тимови кои секојдневно се грижат за нивното здравје и физичката подготвеност“, изјави Леонид Јандреоски, генерален секретар на ФФМ.
ВИА ФАРМ е ланец на аптеки посветена на обезбедување квалитетни и разновидни лекови, суплементи и медицински помагала, со фокус на професионална услуга и грижа за здравјето.
„За ВИА ФАРМ претставува чест и гордост што стануваме партнер на Фудбалската федерација на Македонија и што ќе дадеме свој придонес во поддршката на македонските репрезентации. Свесни сме за одговорноста што ја носи ова партнерство и ќе се потрудиме со квалитетни производи, медицински средства и суплементи да бидеме сигурна поддршка за репрезентативците и медицинските тимови“, изјави Марица Угриновска Баткоска, директорка на ВИА ФАРМ.