Охрид повторно живее за ракометот. Од денеска до 22 август, спортската сала „Билјанини Извори“ ќе биде домаќин на петтото, јубилејно издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, кој годинава носи исклучително силна конкуренција и осум екипи подготвени за четири дена ракометни возбудувања.
Турнирот е поделен во две групи. Во групата А се домаќинот ГРК Охрид, Загреб, младинската репрезентација на Египет и Војводина. Во групата Б силите ќе ги одмерат Вардар, Нексе, Олимпијакос и Тримо Требње, што гарантира квалитетни и неизвесни натпревари уште од групната фаза.
Првиот ден носи три интересни пресметки. Програмата ќе ја отворат Вардар и Олимпијакос од 16:30 часот, по што од 18:45 часот на терен ќе излезе домаќинот Охрид против Египет У20. Вечерта, од 21:00 часот, следува дуелот меѓу Војводина и Загреб.
Во наредните денови ќе се комплетираат натпреварите во групите, по што на 22 август ќе следува големото финале на турнирот – денот резервиран за борбите за конечен пласман и битката за трофејот.

Охрид на турнирот влегува со дополнителен мотив. „Гладијаторите“ се бранители на титулата, откако минатата година во финалето го совладаа Еурофарм Пелистер и го освоија престижниот трофеј.
Со осум квалитетни екипи, силна меѓународна конкуренција и домашен состав кој повторно атакува на врвот, петтото издание на „Крсте Андоновски“ ветува ракометен спектакл во Охрид. Битката за трофејот започнува денеска.