Ракометарите на Вардар 1961 со победа го започнаа настапот во новоформираната Регионална лига, откако во Охрид беа подобри од српскиот вицепрвак Војводина со 36-30.
Дуелот требаше да се одигра во рамките на осмото коло, но по договор меѓу двата клуба беше поместен и се одигра денеска во СЦ „Билјанини Извори“, во пресрет на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
Почетокот беше израмнет, а Војводина успеа да има предност во воведните минути. Сепак, како што одминуваше првиот дел, „црвено-црните“ ја преземаа иницијативата, заиграа поцврсто во одбраната и поефикасно во нападот.
Вардар во финишот на првото полувреме направи разлика, па на одмор замина со 20-15.

Во вториот дел избраниците на Иван Чупиќ продолжија во ист ритам и без поголеми проблеми ја контролираа предноста. Стратегот на Вардар им даде минутажа на сите ракометари кои му беа на располагање, а „црвено-црните“ до крајот стигнаа до сигурен триумф од 36-30.
Голманот Гогов имаше одлична партија, додека во нападот најрасположени беа Љевар и Да Силва со по шест погодоци. Георгиевски, Малус и Фадуил постигнаа по пет гола.
Кај Војводина, најефикасен беше Чировиќ со шест погодоци.

За Вардар ова е успешен почеток на новото регионално натпреварување, а следниот предизвик во Регионалната лига е дуелот против Панчево, кој според распоредот треба да се одигра на 26 август.