По десетдневниот период посветен на интензивна физичка подготовка, машката репрезентација на Македонија до 20 години ја започнува втората фаза од подготовките во Крушево.
Во продолжение на подготовките, фокусот се префрла кон воигрување на тимот и темпирање на формата за претстојните Зонски квалификации за Европското првенство 2027.
Селекторот Јован Шапе, заедно со својот асистент Миодраг Новески, работи со репрезентативците во одлична атмосфера, со цел тимот што поскоро да ја достигне посакуваната форма пред квалификациските натпревари.
„Засега подготовките течат според договореното. Во првиот дел одработивме физичка и техничка подготовка и се помина во најдобар ред. Добија момците ден ипол за одмор и од вчера почнавме со воигрување на поставата. Поголем дел од играчите беа и во екипата која настапи на ЕМОФ во Скопје лани и познат им е системот. Времето кое го имаме ќе го искористиме максимално за што подобра тактичка подготовка“, коментира селекторот Шапе.
Младинците ќе имаат силна конкуренција во Зонските квалификации кои од 25 до 29 август се играат во Софија, а каде покрај домаќинот Бугарија, ќе се соочат и со Србија, Турција, Русија и Белорусија.