Хрватска е победник на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години, откако во големото финале во Гевгелија славеше против Исланд со 69:67.
Во извонредно неизвесен и драматичен финален натпревар, хрватските кадети успеаја да ја задржат предноста во самиот финиш и да стигнат до шампионскиот пехар.
На свечената церемонија во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија беа доделени медалите и признанијата за најдобрите на првенството, кое од 6 до 15 август се одржуваше во Гевгелија и Скопје.
За најкорисен играч на шампионатот беше прогласен Лука Лени Укиќ од репрезентацијата на Хрватска, а наградата му ја врачи легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски. Укиќ воедно беше избран и во идеалната петорка на првенството.
Покрај Укиќ, во најдобрата петорка се најдоа и неговиот соиграч Никша Злопаша, Атли Харалдсон од Исланд, Мак Омеровиќ од Босна и Херцеговина и Берт Мартин од репрезентацијата на Естонија.
Естонија го освои третото место на шампионатот, додека Исланд со сребрениот медал заврши како вицешампион.
Со големото финале во Гевгелија заврши Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години, на кое Македонија беше домаќин во изминатите десет дена.