Камјани вечерва ќе испише нова страница во својата историја, откако за првпат ќе заигра во Втората македонска фудбалска лига. Ланскиот шампион во Третата лига – Запад дебито во второлигашката конкуренција ќе го има на едно од најтешките гостувања, против Пелистер во Битола.
Натпреварот се игра од 20:00 часот на стадионот „Петар Милошевски“, под рефлектори.
Пелистер влегува како голем фаворит, не само во овој натпревар, туку и во целото првенство, со оглед на амбициите на битолчани за експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига. Од друга страна, Камјани за првпат во историјата ќе настапува во Втората лига, а желбата на дебитантот е уште на стартот да приреди изненадување и да се врати од Битола со позитивен резултат.
Еден од искусните играчи во составот на Камјани е Љупче Трпески, кој пред дебито зборуваше ексклузивно за Спортска Мрежа и ги сподели очекувањата од новата сезона.
„Подготовките ги поминавме добро, се спремавме околу 40 дена, колку што е потребно. Одигравме 6 контролни натпревари, а некои од нив ги игравме со прволигаши. Имавме и меѓународен натпревар против Лепенци од Косово“, рече искусниот Трпески во ексклузивна изјава за Спортска Мрежа.
Охриѓанецот добро го познава Пелистер, со оглед на тоа што во минатото го носеше дресот на битолскиот клуб, а токму затоа има посебен мотив пред вечерашниот дуел.
„Како поранешен фудбалер на Пелистер, мислам дека и Пелистер и Битола заслужуваат место во елитата. Но, исто така, верувам во капацитетот на мојата екипа, која ќе даде максимум за од Битола да се вратиме со позитивен резултат“, дополнува Охриѓанецот.
Трпески смета дека Камјани го очекува исклучително тешка сезона, со оглед на квалитетот и реномето на дел од екипите во второлигашката конкуренција, но верува дека неговиот тим може да им парира на сите.
„Втората македонска фудбалска лига се состои од многу екипи кои имаат долг стаж во Првата лига. Тука се Работнички, Македонија Ѓорче Петров, Пелистер, Брера, Охрид, но јас, заедно со мојата екипа и нашиот стручен штаб, ќе дадеме максимум да им се спротивставиме на сите и, секако, ќе целиме кон висок пласман“, вели новото засилување на Камјани.
Трпески зад себе има богата кариера и настапуваше за Воска Спорт, Охрид, Кораб, Струга Трим Лум, Царев Двор и Пелистер, а интересно е што искусниот фудбалер веќе има искуство со пласман во елитното друштво.
Охриѓанецот претходно успеа да избори влез во Првата лига со Воска Спорт, а истото го направи и со Шкендија Арачиново. Сега останува да видиме дали Трпески ќе продолжи со својот интересен рецепт за пласман во елитата и дали тоа ќе му испее и со тимот на Камјани.
Но, првиот чекор е токму вечерва – на најтешкиот можен начин, со гостување кај големиот фаворит Пелистер. За Камјани, првиот историски второлигашки натпревар носи огромен предизвик, но и можност уште на стартот да покаже дека не случајно стигна до ова ниво.