Стартуваше 35. издание на Втората македонска фудбалска лига, а првиот ден од воведното коло донесе интересни резултати, неизвесни натпревари и погодоци на сите натпревари.
На шесте натпревари кои се одиграа денеска беа постигнати 12 голови, а уште еден натпревар од првото коло останува да се одигра утре.
Охрид се намачи за победа против Новаци
Еден од фаворитите за пласман во Првата лига, Охрид, со победа ја отвори новата сезона. Охриѓани на домашен терен славеа со 2:1 против Новаци. Антонио Каланоски од пенал го отвори резултатот и му донесе предност на домаќинот.
Новаци успеа да израмни во второто полувреме преку Антонио Марцевски, но Охрид во продолжението стигна до победничкиот гол и со три бода ја започна сезоната, откако Каланоски погоди уште еднаш овој пат во 81. минута.
Детонит Плачковица го освои Чаир
Радовишани победнички ја започнаа новата сезона откако Детонит Плачковица, со сигурни 2:0 славеше на гостувањето кај Шкупи.
Гостите од Радовиш одиграа одличен натпревар и со головите на Давид Голубов и Филип Димоски стигнаа до големи три бода. Димоски го продолжува голгетерскиот учинок од минатата сезона и најавува дека ќе конкурира за најдобар стрелец.
Шкупи, кој во новата сезона влегува со млад состав, остана без бодови на стартот.
Работнички убедлив против Кожуф
Убедлива победа на стартот забележа и Работнички, кој на домашен терен со 3:0 го совлада Кожуф.
За „романтичарите“ погодија Кудијан, Подграѓа и Богданоски, за сигурен старт на новата второлигашка сезона.
Брера Струмица сигурна против повратникот од Горно Лисиче
Со победа стартуваше и Брера Струмица, која на домашен терен со 2:0 беше подобра од повратникот во Втората лига, Еуромилк ГЛ.
За струмичани погодија Игор Ристов во првиот дел и голгетерот Владимир Жоглев, кој ова лето се приклучи на младиот состав на Брера и донесе дополнително искуство во тимот.
Беласица славеше минималец над „жетварите“
Во Струмица, Беласица со минимални 1:0 го совлада Осогово. Единствениот гол на натпреварот го постигна Рон Мемеди, со што Беласица сезоната ја започна со три бода. Натпревар во кој имаше доста шанси и можности за повеќе погодоци.
Мемеди беше џокер од клупа за тренерот Мартин Алаѓозовски, кој само што влезе во игра постигна гол.
Поделба на бодовите во Ѓорче Петров
Македонија ЃП и Тетекс одиграа нерешено 1:1. Домаќинот до израмнување стигна преку Горазд Блажевски Еминов, откако Тетекс успеа да го отвори резултатот за водство со гол на Славчо Мисајловски.
Така, двата тима на стартот од сезоната мораа да се задоволат со по еден бод.
Пелистер – Камјани утре под рефлектори
Првото коло ќе биде комплетирано утре во Битола, каде што од 20:00 часот ќе се сретнат Пелистер и Камјани.
Пелистер е еден од главните фаворити за освојување на Втората лига и директен пласман во ПМФЛ, додека Камјани дебитира во второлигашката конкуренција.
По првите шест натпревари, Охрид, Работнички, Брера Струмица, Беласица и Детонит Плачковица стартуваат со три бода, додека утрешниот натпревар во Битола ќе го затвори првото коло од 35. издание на Втората македонска фудбалска лига. Останува да видиме дали во Битола ќе има погодоци, па на тој начин на сите погодоци на првото коло да има голови.