Првата фаза од темпирањето на формата за ЕвроВолеј 2026 за машката сениорска репрезентација на Македонија се одвива според планот. Репрезентативците ги избегнаа летните горештини и во одлична атмосфера и услови ги одработуваат подготовките во Крушево.
Селекторот Јошко Миленкоски е задоволен од досегашниот тек на подготовките и работата на своите избраници. Според него, репрезентацијата во овој период ги исполнува поставените цели, а тренинзите се одвиваат со потребниот интензитет и посветеност.
Македонските одбојкари продолжуваат со напорна работа во Крушево, каде фокусот е ставен на физичката подготовка, усовршувањето на играта и постепеното достигнување на посакуваното ниво на форма пред настапот на ЕвроВолеј 2026.
„Сѐ оди според планот! Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала“, објаснува селекторот Миленкоски и продолжува: „Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво.“ – вели селекторот.
Сениорите до 15 август ќе бидат во Крушево, а потоа подготовките за ЕвроВолеј 2026 ќе ги продолжат во Скопје, каде ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“. Во втората фаза планирано е да се одиграат три контролни натпревари на почетокот на септември, непосредно пред заминувањето на ЕП во Софија.
Машката репрезентација на Македонија на четвртото континентално натпреварување во низа (од 9 до 26 септември) ќе биде дел од групата Б во Софија, каде ќе се соочи со организаторот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.
Делегацијата на 7 септември наутро патува за Софија, додека на 9 септември во 20 часот, против домаќинот Бугарија го отвора настапот на ЕвроВолеј 2026.