По цели 30 години, фудбалот повторно се враќа во Крива Паланка, откако градот повторно добива сениорски фудбалски клуб кој ќе се натпреварува во македонскиот фудбалски систем.
Академија Осогово 2022 – Крива Паланка од оваа сезона ќе биде дел од Третата македонска фудбалска лига регион 2, со што започнува ново поглавје за фудбалот во градот и се обновува традицијата која недостасуваше цели три децении.
Од клубот велат дека она што го ветиле сега станува реалност – Крива Паланка повторно ќе има сениорска екипа, повторно ќе има фудбалери кои ќе го носат името на градот и повторно ќе има можност љубителите на спортот да навиваат за својот клуб.
Новата сезона ќе донесе и можност за поддршка од трибините, а првата прилика за тоа ќе биде во недела, 16 август, кога на Градскиот стадион во Крива Паланка ќе се одигра пријателски натпревар.
Од 17:30 часот, Академија Осогово 2022 – Крива Паланка ќе ги одмери силите со ФК КУЛ – Скопје, во натпревар кој ќе биде своевидна најава за сезоната што следи.
Интересно е што и двете екипи во новата сезона ќе се натпреваруваат во Третата македонска фудбалска лига, па контролниот дуел ќе биде добра можност за проверка на формата и подготовка пред официјалните предизвици.
Од Крива Паланка ги повикуваат сите љубители на спортот и фудбалот да дојдат во што поголем број на Градскиот стадион и да ги поздрават и поддржат фудбалерите.
По три децении, фудбалот повторно се враќа дома. Крива Паланка повторно има свој сениорски клуб и повторно има за кого да навива!