Машката кошаркарска репрезентација на Македонија до 18 години со пораз го започна настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое се одржува во хрватските градови Ријека и Опатија. Во натпреварот од првото коло во групата „Д“, нашите репрезентативци загубија од селекцијата на Грузија со 83:66.
Дуелот започна израмнето, а Грузија ја доби првата четвртина со минимални 17:16. Македонските јуниори потоа одиграа одлична втора четвртина, предводени од расположениот Ѓорѓи Цветковски. Со серија од 19:9, Македонија во 16. минута поведе со 35:26 и изгледаше дека ја презема контролата.
Сепак, Грузија возврати во завршницата на првото полувреме, направи серија од десет неодговорени поени и успеа да израмни на 36:36, резултат со кој двете селекции заминаа на одмор.
Во второто полувреме се водеше рамноправна борба, но грузиската репрезентација постепено го презеде водството. Со серија на крајот од третата и почетокот на последната четвртина, противникот создаде двоцифрена предност од 62:49. Македонија успеа да намали на 62:55, но Грузија веднаш возврати со нова серија и без поголеми проблеми стигна до конечна победа од 83:66.
Најефикасен во македонскиот состав беше Ѓорѓи Цветковски со 20 поени, три скока и три асистенции. Капитенот Григориј Ѓорѓевиќ постигна 11 поени, со три скока и две асистенции, додека Лука Чучанов беше на чекор до „дабл-дабл“ учинок со девет поени и девет скока.
Во второто коло од групата „Д“, Македонија утре од 10:30 часот ќе се соочи против селекциајта на Унгарија.