Македонскиот шампион Вардар новата сезона во Првата македонска фудбалска лига ја отвора со домашен натпревар против Брегалница на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Среде двомечот со Рига во европските квалификации, „црвено-црните“ не го губат фокусот и кон домашниот шампионат, каде ќе ја бранат титулата освоена минатата сезона.
Играчот за врска Димитар Тодоровски истакна дека Вардар има јасна цел уште од првото коло – освојување на трите бода.
„Имаме обврска победнички да ја започнеме сезоната. Вардар секогаш има највисоки амбиции и нашата цел е повторно да се бориме за двојната круна – шампионската титула и трофејот во Купот на Македонија. Затоа секој натпревар е важен, почнувајќи од дуелот со Брегалница“, порача Тодоровски.
Вардарци ќе играат против Брегалница меѓу двата дуели од двомечот против Рига во втората рунда од квалификациите за Конференциската лига.
„Почнува новата сезона, а Вардар ја брани титулата. Тоа значи дека имаме и обврска да играме во шампионски стил и да победуваме. Верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и дека ќе успееме да дојдеме до триумф, иако имаме апсолутен респект за Брегалница. Штипјани имаат квалитетен тим и сигурно имаат што да понудат во Првата лига оваа сезона. Сепак, ние сме максимално фокусирани и нема да дозволиме да бидеме изненадени“, вели Димитар Тодоровски.
Натпреварот меѓу Вардар и Брегалница е закажан за 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.