Одбојкарскиот шампион Штип УГД направи важен чекор во пресрет на новата сезона, откако официјално го назначи Стефан Алексов за нов асистент тренер. Eден од симболите на клубот од оваа сезона ќе има нова задача, работејќи рамо до рамо со шефот на стручниот штаб Кристиан Ристески.
Алексов зад себе остави богата и успешна играчка кариера, во која освои бројни трофеи и индивидуални признанија. Со дресот на Штип УГД трипати го освои Купот на Македонија (2024, 2025 и 2026), а во сезоната 2025/2026 ја освои и шампионската титула. Во 2024 година беше прогласен за Спортист на годината на град Штип, додека претходно со Струмица ја освои двојната круна во сезоната 2020/2021.
Во репрезентативниот дрес на Македонија настапуваше на Медитеранските игри, Сребрената лига, Златната лига и Европското првенство, стекнувајќи драгоцено искуство кое сега ќе го пренесува на новите генерации одбојкари.
Пред Штип УГД претстои исклучително важна сезона. Штипјани ќе ја бранат двојната круна во домашните натпреварувања, а ги очекува и голем европски предизвик во квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите, каде за противник ќе го имаат шампионот на Холандија, Орион Старс.