Машката репрезентација У20 со убедлива победа (91:81) над БиХ го заврши настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава, со конечен пласман на деветтата позиција.Младинската репрезентација на Македонија стави победнички печат на настапот на Европското првенство во Братислава.
Во натпреварот за деветтото место, нашите кошаркари одиграа уште една одлична партија и заслужено ја совладаа селекцијата на Босна и Херцеговина со 91:81. Тоа беше трета последователна победа на Македонија во разигрувањето за пласман, со што избраниците на стручниот штаб шампионатот го завршија со одличен биланс од пет победи и два пораза.
Единствено двата пораза во групната фаза ја спречија нашата селекција да се најде меѓу осумте најдобри репрезентации на турнирот. Македонија уште од самиот почеток ја наметна својата игра. Во првата четвртина нашите кошаркари беа исклучително расположени во нападот, постигнувајќи 30 поени и создавајќи солидна предност. До крајот на првото полувреме таа дополнително беше зголемена, па на паузата Македонија водеше со 52:41.
Во третиот период Босна и Херцеговина успеа да ја намали негативата и да се доближи на 59:56, но следуваше силен одговор од македонските кошаркари. Со нова серија поени повторно се одлепивме на двоцифрена разлика (75:62) и практично го решивме прашањето околу победникот. Во последната четвртина предноста достигна и 86:67, по што Македонија мирно го приведе натпреварот до крај и заслужено славеше со конечни 91:81.
Најефикасен во македонскиот состав беше Сергеј Младеновски со 17 поени, на кои додаде четири асистенции и три скока. Марко Луканоски натпреварот го заврши со 15 поени и седум скока, Бојан Димитриев реализираше 12 поени и три скока, додека Коста Ќириловски придонесе со 10 поени.
Со оваа победа младите кошаркари го завршија настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава на деветтата позиција.