Првиот дел од квалификацискиот циклус за Европското првенство 2028, преку настапите во Европската лига 2026, машката сениорска репрезентација на Македонија го заврши со учинок кој ги оправда очекувањата. По шест одиграни натпревари, нашата селекција забележа три победи и три порази, освои девет бодови и се наоѓа во средината на табелата.
Уште по ждрепката беше јасно дека натпреварите против Луксембург, Исланд и Косово ќе бидат можност за освојување бодови, додека дуелите со Холандија, Грција и Израел ќе претставуваат сериозен предизвик. Македонските одбојкари успешно ја завршија задачата против репрезентациите од свој ранг, а против фаворитите покажаа борбеност и желба, иако не успеаја да стигнат до изненадување.
По завршувањето на последниот турнир, селекторот Јошко Миленкоски и стручниот штаб добија краток период за анализа на сработеното. Впечатоците се позитивни, особено поради фактот што репрезентацијата останува во конкуренција за пласман на Европското првенство 2028 година.
Со освоените девет бодови Македонија ја задржа својата позиција во трката за континенталниот шампионат, а во наредниот период фокусот ќе биде насочен кон дополнително унапредување на играта и подготовка за следните предизвици кои ја очекуваат националната селекција.
„Годинешното издание на Европската лига беше со поинаков формат од претходните, односно претставуваше прва фаза од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Тоа придонесе и квалитетот на Лигата да биде на повисоко ниво од претходно, најмногу поради фактот дека сите репрезентации играа со своите најдобри состави. Македонија во минатото се натпреваруваше во Сребрената лига, која е неспоредлива со она што го имавме како квалитет годинава. Последните три години бевме дел и од Златната Европска лига, каде имавме забележителни настапи, но каде многу репрезентации, како и ние, го користевме учеството како подготовка за поважни напреварувања. Поради тоа не може да правиме споредба со резултатите постигнати во претходните изданија, а не смее да заборавиме и дека оваа година скоро сите европски селекции се натпреваруваа во Европската лига“, потенцира стратегот Миленкоски на стартот и продолжува: „Најважното од сѐ за Македонија е дека имаме активен резултат со кој остануваме во трката за пласман на следното Европско првенство! Целта е постигната, планираното е остварено – три победи и девет бодови. Сакам да истакнам дека поразите се од три репрезентации кои се најдобрите во Лигата. Холандија лига рундата ја заврши без загубен сет, а во полуфиналето ќе игра и Израел, додека Грција заврши како петта, на чекор зад нив. Тоа само уште еднаш го потврдува квалитетот на противниците со кои се соочуваме.“ – вели селекторот.
Во овој циклус селекторот Миленкоски направи и сериозно освежување во националниот тим давајќи шанса на помлади играчи, како во подготвителниот процес, така и во настапот во Европската лига.
„Свесни за сериозноста на натпреварувањето нашата репрезентација ги почна подготовките порано од предвиденото, на 6 мај со играчите кои порано ги завршија своите клупски обврски, а останатите се приклучија една недела подоцна. Одработени се 45 дена, 55 тренинзи, одиграни осум натпревари (два контролни и шест официјални). Обемните подготовки ни овозможија вклучување на поголем број млади, перспективни одбојкари. Дури десет дебитанти учествуваа во тренажниот процес на А селекцијата и на сите нив треба да се смета и во следните циклуси. Четворица од нив беа и во потесниот избор и дел од самите натпревари, а тоа особено треба да нѐ радува. Ако ги сметаме и оние кои се вклучени минатата година можеме да кажеме дека ростерот на репрезентацијата е видно изменет. Сепак, товарот повторно го понесоа најискусните и најдобрите кои помогнаа да се постигне овој задоволителен резултат, кој верувам дека ќе беше и подобар доколку настапевме комплетни на сите натпревари. Во нашиот спорт отсуството и на само еден одбојкар е голем хендикеп, а ние на сите натпревари игравме без еден од нашите најдобри играчи – Александар Љафтов. На последниот турнир и без Филип Маџунков. Во целиот овој циклус, секако дека не смеам да го изоставам мојот комплетен стручен штаб, кои стојат зад спроведувањето на успешни подготовки и добрите резултати – нашите најдобри тренери Ристески, Милев и Михајлов, потоа тренерот за физичка подготовка Баснарков, како и медицинскиот тим, докторот Манчев и физио Дино Попоски, како и статистичарот Бојан Печев.“ – изјави селекторот.
Репрезентативците се веќе на заслужен одмор, а одново на располагање треба да се стават на 5 август кога во Крушево е предвиден почетокот на подготовките за учеството на Европското првенство во септември во Софија, кое за Македонија е четврто во низа.
„Одбојкарите добија заслужен одмор. Новата прозивка е предвидена на почетокот на август и се надевам дека периодов ќе биде сѐ во најдобар ред, дека сите ќе се рехабилитираат убаво и дека здрави и комплетни ќе тргнеме во подготовките за она што е најважно годинава – настапот во Европското првенство“, заклучува Миленкоски.