КМФ Проект продолжува да го задржува шампионското јадро по историската сезона во која ја освои двојната круна без ниту еден пораз, а најново име кое останува дел од тимот е Горан Стојанов.
Радовишанецот и во сезоната 2026/27 ќе го носи дресот на клубот од Јосифово, потврдувајќи ја верноста кон актуелниот шампион на Македонија. Со својата енергија, карактер и огромна посветеност, тој изминатите сезони се етаблираше како еден од препознатливите ликови во составот на Проект.
Неговата пожртвуваност на теренот, борбеноста во секој дуел и максималниот ангажман на секој тренинг го прават еден од најценетите играчи во тимот. Освен со игрите, Стојанов се издвојува и со својата позитивна енергија и влијание во соблекувалната, каде важи за еден од лидерите и омилените соиграчи.
Од клубот потенцираат дека токму ваквите фудбалери се темелот врз кој се гради успешен и стабилен колектив.
„Неуморен, посветен, препознатлив! Горан Стојанов дел од КМФ Проект и наредната сезона! Горан Стојанов човек кој со својата енергија, карактер и посветеност стана еден од заштитните знаци на нашиот тим. На секој натпревар, на секој тренинг тој е пример за тоа што значи да се бориш до последниот свиреж. Неговата работна етика, пожртвуваност и неуморен пристап го прават еден од највредните играчи во составот. Но, покрај квалитетите на теренот, Гоката носи и нешто што не може да се измери со статистика – харизма, позитивна енергија и карактер што обединува. Токму затоа е омилен меѓу соиграчите и важен дел од соблекувалната“, велат од КМФ Проект.
Проект зад себе има сезона за паметење, во која по вторпат ја освои шампионската титула во Првата футсал лига, а за првпат го подигна и трофејот во Купот на Македонија.
Следен предизвик за шампионот се квалификациите за Лигата на шампионите, а задржувањето на играчи како Горан Стојанов е уште една потврда дека клубот има јасна цел – продолжување на шампионската доминација и успешен настап на европската сцена.