Ракометниот клуб Младост од Богданци и во новата сезона ќе биде предводен од охридскиот стратег Горан Андоновски. Повратникот во македонската Супер лига официјално потврди дека соработката со искусниот тренер е продолжена, откако тој успешно ја реализираше мисијата за враќање на клубот во елитното друштво.
Андоновски минатото лето пристигна во Богданци со јасна цел – Младост повторно да биде дел од најсилната ракометна конкуренција во Македонија. Таа цел беше исполнета, откако тимот го освои второто место во Првата лига, а потоа во баражот славеше над Струга и обезбеди пласман во Супер лигата.
Зад себе има богато домашно и меѓународно тренерско искуство, а неговото останување претставува значаен чекор во амбициите на клубот да биде конкурентен и во суперлигашкото друштво.
Од РК Младост со посебно задоволство ја потврдија продолжената соработка.
„Горан Андоновски ја продолжува успешната приказна во РК Младост 1977. Со голема чест и задоволство објавуваме дека тренерот Горан Андоновски, останува тренер на РК Младост 1977 и во претстојната суперлигашка сезона! По успешната мисија и враќањето на клубот таму каде што му е местото – во македонската Суперлига – продолжува заедничката приказна исполнета со амбиција, работа и големи цели. Неговото искуство, професионализам и победнички менталитет беа еден од клучните фактори во развојот на тимот и создавањето на конкурентна екипа која гордо го претставува Богданци и Југоистокот. Пред нас се нови предизвици, нови битки и нови успеси! Заедно продолжуваме да ја пишуваме историјата на РК Младост 1977“, велат од РК Младост од Богданци.
Со враќањето на Младост во елитата, Богданци повторно добива свое место на суперлигашката мапа на македонскиот ракомет. Воедно, Младост ќе биде единствениот претставник од Југоисточниот и Источниот регион на Македонија во Супер лигата во сезоната што следува.
Продолжувањето на соработката со Андоновски е јасен сигнал дека клубот сака да ја задржи стабилноста и континуитетот, со цел успешно да одговори на предизвиците кои ги носи настапот меѓу најдобрите македонски ракометни екипи.