По четири сезони минати во дресот на Охрид, српскиот интернационалец Владимир Бојаниќ става крај на едно значајно поглавје од својата кариера. Кружниот напаѓач пристигна во клубот во 2022 година, во период кога охридскиот проект беше во подем, а заминува како дел од генерацијата која го донесе најголемиот успех во историјата на клубот – трофејот во ЕХФ Европскиот Куп.
Во меѓувреме, Бојаниќ доби и македонски пасош, дополнително зацврстувајќи ја врската со земјата во која помина четири важни години од својот живот и кариера. Во разговор за нашиот медиум, искусниот пивот зборуваше за времето поминато во Охрид, историската сезона, европската титула и плановите за иднината.

Разделбата со Охрид кај Бојаниќ буди многу емоции. Тој признава дека кога пристигнал во клубот не знаел многу за средината, но денес заминува со спомени што ќе ги носи цел живот.
„Ауу, четири години радост и среќа. Навистина, кога ја добив понудата не знаев многу за ГРК Охрид, а сега кога се разделувам со европски трофеј, навистина беа прекрасни четири години!“
Охрид оваа сезона испиша историја освојувајќи го ЕХФ Европскиот Куп, а Бојаниќ беше дел од тимот кој го донесе првиот европски трофеј во клупските витрини. За него, тоа има посебна тежина.
„Многу ми значи што сум дел од првиот европски трофеј и што бев дел од екипата која ја испиша историјата на охридскиот спорт!“

Моментите од финалето против Татабања засекогаш ќе останат во неговото сеќавање. Како што вели, последните минути од натпреварот биле најдолгите во неговата кариера.
„До 55. минута беше напнато, а потоа само чекавме да заврши. Најдолги пет минути кои никако да поминат! Па да, тоа е најголемиот успех во мојата кариера.“
Бојаниќ во текот на кариерата настапуваше во повеќе клубови и држави, но Охрид ќе има посебно место во неговата спортска приказна. Причината е што бил сведок на развојот на клубот уште од самиот почеток на проектот.
„Растев заедно со клубот. Дојдов кога проектот штотуку почнуваше, а заминувам со трофеј.“
Во изминатиот период доби и македонски пасош, а неговата поврзаност со Македонија е уште поголема и поради приватниот живот. Токму затоа не крие дека земјата ја чувствува како свој дом.
„Да, по четири години добив пасош. Македонскиот ракомет е најсилен во регионот на поранешна Југославија. Во Македонија се чувствувам како дома, ист народ сме. Да, и оженет сум во Македонија, така што сум пола-пола!“ 😂

Иако разделбата со Охрид е официјална, Бојаниќ сè уште не открива каде ќе ја продолжи кариерата. Во овој момент, најважно му е да ја донесе најдобрата одлука за себе и за своите најблиски.
„Семејството ми е на прво место, така што ќе видам каде и како понатаму. Ќе проценам која опција е најдобра за мене и за моето семејство.“
На крајот, кога требаше со една реченица да го опише периодот поминат во Охрид, искусниот пивот призна дека тоа не е лесна задача. Сепак, неговиот одговор можеби најдобро ги опишува четирите години минати покрај езерото.
„Тешко е тоа да се собере во една реченица… Најубавиот период досега!“ – вели Бојаниќ за Спортска Мрежа.

Бојаниќ го напушта ГРК Охрид со европски трофеј, со македонски пасош и со спомени создадени во четири години исполнети со раст, успеси и силни емоции. Заедно со клубот минуваше низ сите фази од проектот, а разделбата доаѓа во момент кога и тој и Охрид го достигнаа европскиот врв. Токму затоа, неговото заминување не е само крај на една соработка, туку и затворање на едно од најуспешните поглавја во поновата историја на клубот.

