Охрид деновиве живее во знакот на најголемиот успех во својата клупска историја. Ракометарите на охридскиот тим го освоија трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, откако во реванш финалето ја совладаа Татабања со 31-25 и на најубав можен начин ја заокружија незаборавната сезона.


По историскиот триумф, славјето се пресели на градскиот плоштад, каде што илјадници навивачи се собраа да ги поздрават европските шампиони. Атмосферата беше исполнета со емоции, песна и аплаузи за ракометарите на чело со Ројевиќ, кои донесоа европска титула во градот покрај Езерото.


На свечениот пречек присуствуваа бројни граѓани, спортски работници и поддржувачи на клубот, а меѓу најзаслужните за создавањето на успешната спортска приказна е и градоначалникот Кирил Пецаков, кој во изминатите години силно застана зад амбициозниот проект на клубот.


Прославата беше збогатена со музичка програма, пиротехничко шоу и огномет, додека радоста на охриѓани траеше до доцните вечерни часови.
Со освојувањето на ЕХФ Европскиот Куп, Охрид се впиша меѓу македонските клубови кои успеале да стигнат до европски трофеј, потврдувајќи дека македонскиот ракомет продолжува да бележи значајни резултати и надвор од националните граници.

Историскиот успех претставува круна на долгогодишната работа во клубот и награда за сите кои веруваа дека Охрид може да се искачи на европскиот врв.

