Ракомет

Европската круна пристигна во Охрид: „Гладијаторите“ ја испишаа најголемата приказна во клупската историја

Сподели
Сподели



Македонскиот ракомет доби уште еден европски шампион. ГРК Охрид го освои трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, откако во реваншот од големото финале на домашен терен ја совлада Татабања со 31-25 и со две победи во финалната серија заслужено се искачи на европскиот врв.

Во преполната сала „Билјанини Извори“, избраниците на Борис Ројевиќ покажаа карактер, квалитет и шампионски менталитет. По минималната предност стекната на првиот натпревар во Унгарија, охриѓани не калкулираа пред својата публика, туку одиграа уште еден меч на високо ниво и на најдобар можен начин ја заокружија сезоната од соништата.

Во салата атмосферата беше неверојатна, а пред самата сала имаше видео бим каде се следеше финалето, за сите оние навивачи за кои немаше место во салата.

Натпреварот започна во израмнет ритам, со неколку одлични интервенции на Кристијан Пилиповиќ, кој уште од стартот внесе сигурност во одбраната на домашниот тим. Охрид успеа прв да наметне свое темпо и во неколку наврати создаде солидна предност, но унгарскиот состав не дозволуваше лесно одлепување на резултатот.

Дополнителен предизвик за домаќините беше директниот црвен картон на Анте Иванковиќ во првото полувреме, по што Татабања успеа да се врати во игра и дури накратко да ја преземе иницијативата. Сепак, охриѓани останаа смирени и на паузата заминаа со минимална предност од 12-11.



Клучниот момент се случи на почетокот на вториот дел. Охрид влезе фуриозно, одигра неколку одлични минути во нападот и брзо ја зголеми разликата на пет гола. Токму тогаш се почувствува дека трофејот е сè поблиску до брегот на Охридското Езеро.

Иако Татабања во неколку наврати се обиде да ја врати неизвесноста, македонскиот претставник секогаш имаше подготвен одговор. Јасухира беше лидер во нападот, Јагуриновски постигна важни голови во пресудните моменти, а Пилиповиќ продолжи да ги фрустрира противничките ракометари со своите одбрани.

Во завршницата веќе беше јасно дека европската титула останува во Македонија. Последните минути минаа во атмосфера на славје, а по последниот судиски свиреж започна големата прослава на историскиот успех.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Јасухира со девет погодоци, додека Јагуриновски и Стрмљан дадоа значаен придонес во нападот. На голот повторно блесна Пилиповиќ со 13 успешни интервенции.

За Охрид ова е убедливо најголемиот успех во клупската историја, а за македонскиот ракомет уште една потврда дека домашните клубови можат рамноправно да се носат со европските екипи. По минатогодишниот триумф на Алкалоид, трофејот во ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона останува во Македонија, но сега негов нов дом е Охрид.



Сподели
Напишано од
Сања Секулоска -

Сања Секулоска е спортска новинарка во Спортска Мрежа. Секулоска по професија е магистер на економски науки, која започнува од хоби кон новинарството конкретно во ракометот. Секулоска го следи и европскиот ракомет.

Не пропуштајте

Ракомет

Охрид славеше во дербито против Алкалоид пред домашната публика

Охрид триумфираше во дербито против Алкалоид со 26:24, во меч од 6. коло на Суперлигата. Избраниците на Борис Ројевиќ одиграа сигурен натпревар, ја...

Ракомет

Вардар остана перфектен, Тиквеш славеше во драма, Прилеп го шокираше Бутел!

Три интересни натпревари донесе новото коло во ракометната Суперлига. Вардар 1961 ја продолжи победничката серија со триумф над Струга, Тиквеш се радуваше на...

Поврзани написи
Ракомет

Охрид славеше во дербито против Алкалоид пред домашната публика

Охрид триумфираше во дербито против Алкалоид со 26:24, во меч од 6....

Ракомет

Вардар остана перфектен, Тиквеш славеше во драма, Прилеп го шокираше Бутел!

Три интересни натпревари донесе новото коло во ракометната Суперлига. Вардар 1961 ја...

Ракомет

Драма во Богданци: Младост испушти шест гола предност, Еурофарм Пелистер 2 се спаси со реми!

Вистинска ракометна драма се одигра во спортската сала „Млаз“ во Богданци, каде...

Ракомет

Еурофарм Пелистер убедлив против Куманово за петта победа во Суперлигата

Еурофарм Пелистер ја продолжи победничката серија во домашниот шампионат, откако во Битола...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!