Во неверојатен историски ден во Кавадарци, одново овој стадион се покажа среќен за Шкендија Арачиново, овој пат за историски влез во Првата македонска фудбалска лига, Пелистер се сели во Втората македонска фудбалска лига, Битола остана без прволигашки фудбал.
Неверојатен беше мечот во Кавадарци, многу шанси, неизвесности, многу пропуштени шанси, вечерва во Арачиново ќе се слави овој огромен историски успех.
Шкендија Арачиново дојде до предност преку Зани Назифи, откако направи еден одличен спринт на стартот од вториот дел за 0:1, откако на полувреме беше 0:0.
Пелистер потоа доби и пенал, но капитенот Мирко Ивановски не успеа да реализира, откако голманот Антонио Столевски интервенираше одлично, а потоа во празниот десен дел од голот Ивановски биеше превисоко над голот и пропушти шанси за да израмни.
Во судиското надополнување од осум минути Пелистер успеа да израмни на 1:1 со гол на Петковски буквално во последните секунди од средбата од Кавадарци, по што следуваа ударите од белата точка.
Пенал серијата ја отвори Пелистер, Филип Петровиќ кој успешно реализираше со удар во левата страна, Столевски го прочита ударот но не успеа за малку да го одбрани. За Шкендија Арачиново биеше Николче Шаркоски кој беше сигурен со удар во левата страна, а голманот Јовчевски се фрли во спротивната страна.
Во втората пенал серија Стефан Спировски беше сигурен откако Столевски овој пат се фрли во спротивна страна. За тимот од Арачиново Фикрет Љиварека испрати удар кој беше максимално прецизен во средината од голот.
Во третата пенал серија за Пелистер биеше Вилдан Керим кој против Столевски беше успешен, а Столевски одново на работ до одбрана. За второлигашот од Арачиново од белата точка удар испрати Сухејб Рушити кој имаше топовски удар максимално прецизен.
Во четвртата пенал серија за прволигашот од Битола беше Давид Ангелевски, но неговиот удар беше прочитан, Столевски како пантер се оптегна и го одбрани ударот, а потоа Христијан Димов успешно погоди.
Во петтата серија Кире Ристевски не реализира откако Столевски го одбрани ударот од белата точка, но пеналот беше повторен бидејќи голманот на Шкендија Арачиново излезе од белата линија со двете нозе.
Во повторениот пенал Ристевски погоди и го остави „жив“ Пелистер. За Шкендија Арачиново капитенот Амир Нухија од белата точка не успеа да реализира откако Јовчевски го одбрани неговиот удар и ја врати неизвесноста во Кавадарци.
Во шестата пенал серија за Пелистер одговорност презеде Јован Мрмачовски кој не реализира, откако Антонио Столевски го одбрани неговиот удар. За Шкендија Арачиново биеше Владимир Жоглев, но неговиот удар беше одбранет од Јовчевски.
Мечот влезе во седма пенал серија каде Филип Бошковски беше максимално прецизен, а потоа за тимот од Арачиново, Џихан Адили беше прецизен за 5:5.
Следуваше и осма пенал серија во големата драма во Кавадарци, Петар Петковски за Пелистер во пенал рулетот не успеа да реализира, откако Столевски одбрани и имаше една неверојатна прослава. За тимот од Арачиново, Енис Дервиши ја имаше целата работа во свои раце за историја и за Прва лига на Шкендија Арачиново и успеа да погоди за 6:7 – Шкендија Арачиново е во Првата македонска фудбалска лига.