Само шест месеци по ребрендирањето и добивањето на новото име, ФК Марадона од Штип веќе бележи резултати кои го потврдуваат сериозниот пристап, посветеноста и амбициите на клубот во работата со младите фудбалери.
Од клубот истакнуваат дека уште од самиот почеток останале верни на својата визија – да создадат средина во која децата не само што ќе ги развиваат своите фудбалски вештини, туку и ќе растат како спортисти и личности преку вредности како дисциплина, одговорност и тимска работа.
Особено успешна сезона има генерацијата родени 2017 година, која успеа да стигне до својот прв трофеј и првите освоени медали. Младите фудбалери со голема борбеност, тимски дух и желба за успех покажаа дека вложениот труд носи резултати и претставуваат поттик за уште поголеми амбиции во иднина.
Дополнителна причина за задоволство во клубот е фактот што ФК Марадона успеал да се најде меѓу четирите најдобри клубови во Македонија во својата категорија, на завршницата од ФФМ Детската лига во Скопје што претставува значајно признание за работата на тренерите, децата, родителите и сите кои се дел од проектот.
„Поминаа само шест месеци откако клубот го доби новото име ФК Марадона, а зад нас веќе стојат резултати кои се доказ за огромната работа, посветеност и љубов кон фудбалот.
Од самиот почеток останавме верни на истите принципи – дисциплина, посветеност и постојана желба за напредок. Нашата цел не беше само да создаваме фудбалери, туку и да изградиме вистински спортски колектив во кој секое дете ќе има можност да расте, да учи и да се развива преку фудбалот.
Генерацијата 2017 покажа дека трудот секогаш се исплаќа. Со голема борбеност, тимски дух и желба за победа, овие млади фудбалери заслужено стигнаа до својот прв трофеј и првите медали.
Нивната радост е нашата најголема мотивација да продолжиме уште посилно, уште поорганизирано и уште поодлучно во иднина.
Особено сме горди што, во силна конкуренција, успеавме да се вброиме меѓу четирите најдобри клубови во Македонија. Ова признание е резултат на заедничкиот труд на децата, тренерите, родителите и сите луѓе кои секојдневно се дел од приказната наречена ФК Марадона.
Ова е само почеток. Пред нас се уште многу предизвици, натпревари и нови успеси. Но едно е сигурно – ќе продолжиме со истата страст, истата посветеност и истата љубов кон фудбалот“, велат од клубот.
Постигнатите резултати за краток временски период се јасен показател дека ФК Марадона гради стабилна основа за иднината. Со фокус на младинските категории и правилен развој на децата, штипскиот клуб веќе испраќа порака дека сака да биде препознатлив фактор во македонскиот младински фудбал.