Ракометарите на ГРК Охрид со убедлива победа над Тиквеш од 29-22 успешно ја затворија сезоната во македонската Супер лига и останаа во трка за второто место на табелата.
Натпреварот од последното коло во плеј-офот, иако Тиквеш беше формален домаќин, се одигра во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид, со цел охриѓани да добијат повеќе време за одмор и подготовка пред историското реванш финале во ЕХФ Европскиот Куп против Татабања.
Тренерот Борис Ројевиќ направи бројни ротации и одмор за дел од главните носители на играта. Анте Иванковиќ, Кристијан Пилиповиќ и Гоце Ојлески останаа надвор од составот, а дел од стандардните првотимци добија ограничена минутажа. Сепак, и ваквиот состав на Охрид беше пресилен за кавадарчани.
Само во воведните минути се играше израмнето, по што охриѓани целосно ја презедоа контролата и постепено создадоа сигурна предност. На полувремето водеа со 17-12, а во вториот дел рутински ја одржуваа разликата за конечни 29-22.
Најефикасни кај Охрид беа Бојаниќ, Јасухира, Лиапис и Софкоски со по четири погодоци, додека кај Тиквеш се истакна Томче Стојановски со десет гола.
Со оваа победа, Охрид барем до четврток ќе остане на второто место на табелата, а конечниот пласман ќе зависи од исходот на дербито меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид. Доколку битолчани не освојат цел плен, тимот на Ројевиќ ќе стигне до историска вицешампионска „титула“.
Сепак, во Охрид мислите веќе се насочени кон неделниот европски спектакл. „Гладијаторите“ пред својата публика ќе се обидат да ја одбранат минималната предност од првиот меч во Унгарија и да испишат нова страница во клупската историја.