Македонската машка ракометна репрезентација повторно ќе биде дел од светската елита, откако со убедлива победа од 38-23 над Словачка го завери пласманот на Светското првенство 2027. За националниот тим ова ќе биде десетто учество на мундијалите, а осмо последователно.
Избраниците на Кирил Лазаров уште од самиот старт покажаа дека нема да дозволат никакво изненадување. Македонија отвори фуриозно, поведе со 5-1, а одличниот Томовски со неколку интервенции дополнително ја деморализираше словачката селекција.
Нашиот национален тим целосно го контролираше натпреварот, па по петнаесет минути игра веќе имаше убедливи 10-3. Лазаров ротираше во составот и им даде шанса на повеќе ракометари, додека гостите преку тајм-аут се обидоа да го запрат налетот на Македонија.
Во продолжението разликата постојано растеше. Македонија стигна и до плус седум (13-6), а иако Словаците преку Бриатка накратко намалија, капитенот Филип Кузмановски веднаш возврати и ја врати сигурноста во нашата игра. До заминувањето на одмор веќе беше јасно дека патот кон ново Светско првенство е широко отворен.

Второто полувреме донесе уште подоминантно издание на Македонија. Со погодокот на Велковски предноста достигна и двоцифрени 24-13, а голманот Митревски блескаше со одбранет пенал и неколку сигурни интервенции. Во завршницата минути добија и Петковски, Џонов, Стојковиќ и Николов, кои одлично ја искористија шансата и покажаа дека Македонија има ширина во ростерот.
Најефикасен во македонскиот состав беше капитенот Кузмановски со десет погодоци, Велковски постигна шест, а Лазаревски пет гола. Томовски и Митревски имаа значаен придонес меѓу стативите, додека кај Словачка се издвои Прокоп со седум реализации.
Со овој успех Македонија продолжува импресивна серија настапи на големите натпреварувања, која трае од Европското првенство во 2012 година. Следниот предизвик за „црвено-жолтите“ ќе биде ждрепката за групите на Светското првенство, која е закажана за 10 јуни.