Вечерва на програмата се реванш-натпреварите од полуфиналната серија во плејофот на Првата македонска лига.
Двата дуели може да ги дадат и финалистите, додека Борец Баскет и Соколи 1933 ќе се обидат да изборат мајсторка и да ја продолжат неизвесноста во серијата.
По првите полуфинални натпревари, Струмица 2001 и Бутел стекнаа почетна предност и вечерва ќе имаат можност да ја потврдат со пласман во финалето.
Од 19 часот во Велес, Борец Баскет ќе го пречека тимот на Струмица 2001 со јасна цел – израмнување на серијата. Струмичани беа поуспешни во првиот натпревар, но домашниот терен и поддршката од публиката во салата „Гемиџии“ може да одиграат значајна улога. Во текот на сезоната, мал број екипи успеаја да слават во Велес, па се очекува неизвесен меч до самиот крај.
Во ист термин ос 19 часот , во салата „Иван Хаџи Николов“ во Бутел, домашниот состав ќе го пречека Соколи 1933. Бутелци имаат голема предност по „брејкот“ во Штип и вечерва ќе се обидат пред својата публика да ја завршат работата. Со евентуален триумф, дебитантот во лигата би обезбедил финале и шанса за пласман во Супер лигата.