Некогашниот второлигаш Братство од Житоше за пролетната полусезона во Општинската фудбалска лига во Прилеп се засили со неколку искусни играчи со кои го подига квалитетот во ростерот, а со цел враќање во Трета лига – Југ.
Нови имиња во тимот од Житоше се Мерсин Мемеди, Омер Јусуфи, Самир Салиу, Бехар Емини, Амер Халиловиќ и Онур Имероски.
28-годишниот напаѓач Мерсин Мемеди доаѓа од редовите на Победа од Ивањевци, а претходно беше дел и од Влазними Јуниор. Некогашниот второлигаш средниот ред го засили со 16-годишниот Јусуфи кој потекнува од младинските школи на Братство.
Салиу кој има 21 година е крилен напаѓач, а во Братство пристигна од Влазними Јуниор, беше дел и од Питу Гули, а потекнува од Братство Големо Коњари.
23-годишниот Емини ја засилува одбрана на Братство и тој всушност е повратник во матичниот клуб за кој настапуваше во период од септември 2019 до август 2022 година. Низ неговата кариера беше дел од Слога Лажани и Влазними Јуниор од каде и доаѓа.\
Халиловиќ е 19-годишен крилен напаѓач кој пристига од третолигашот Питу Гули од Крушево, а претходно беше дел од Слога Лажани, а фудбалската кариера ја започна во Перак од Прилеп.
Со меѓународно искуство 24-годишниот Имероски се враќа во тимот на Браство, доаѓа од второлигашот Големо Коњари, а во минатото беше дел и од Слога Лажани, Скопје и прилепска Победа од каде и ја започна кариерата. Инаку, меѓународна кариера градеше во Словенија за екипата на Свобода од Љубљана.
Братство предводен од тренерот Музафер Алимоски има далеку поквалитетен ростер во однос на есенскиот дел, а тимот е подготвен и преку пријателски натпревари ќе ја проверува формата за пролетните предизвици.
Екипата на Братство е на второто место со 15 бодови има учинок од пет победи и два порази во Општинската Б фудбалска лига на Прилеп со три бода помалку од лидерот Канатларспор. Пролетниот дел тимот од Житоше го отвара против Канатларци во гости.
Братство од Житоше во сезона 2021/2022 настапи во Втора лига – Исток, но тоа беше само епизодна улога откако тимот испадна како последнопласиран на табелата, а потоа тимот и не продолжи со натпреварување, а сега следува реорганизација и враќање кон Трета лига – Југ.