Футсал клубот Каршиака успешно го затвори јануарскиот преоден рок, официјализирајќи четири значајни засилувања со кои јасно ја потврдува амбицијата за пласман во Првата футсал лига. Раководството на клубот задоволно го оцени преодниот период, потенцирајќи дека ростерот е дополнително зајакнат и дека конкуренцијата во тимот е подигната на повисоко ниво.
Најзвучно име меѓу новајлиите е Бујамин Асани, поранешен професионален фудбалер и добро познато име на македонската фудбалска сцена. Во Каршиака пристигнува со огромно искуство, силен карактер и победнички менталитет, а во клубот очекуваат неговото влијание да биде значајно и на теренот и надвор од него.
Покрај Асани, нови членови на Каршиака се и Фејзулах Шабани, Сеад Јакупи и Шенол Идризи – четири трансфери кои клубот ги оценува како целосно погодени и квалитетни.
Каршиака есенската полусезона ја заврши на високото второ место во Втората футсал лига со 18 освоени бодови, само еден помалку од лидерот и поранешен шампион Железарец. Тимот зад себе има одлична есен со шест победи и два порази, што јасно говори за сериозноста на проектот и стабилноста во играта.
Фактот што Каршиака се наоѓа на само бод зад Железарец дополнително ги зголемува амбициите во клубот – напад на првото место или сигурно задржување на второто место кое води директно во Првата футсал лига.
Сигналите од Каршиака се јасни: оваа екипа нема намера да застане. Напротив, пролетниот дел треба да донесе уште поорганизиран, поцврст и поамбициозен тим, подготвен за чекор повеќе кон елитата на македонскиот футсал.