Ракометарите на МРК Куманово официјално ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната во Машката ракометна Супер лига. Од денес тимот работи под водство на новиот шеф на стручниот штаб, српскиот стратег Александар Радосављевиќ, кој ја имаше својата прва прозивка во Спортската сала при ОУ „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Куманово.
Токму во оваа сала ќе се одвиваат сите тренинзи во подготвителниот период. Според планот на Радосављевиќ и неговиот стручен штаб, екипата ќе тренира со засилено темпо, по два пати дневно, а до стартот на пролетниот дел од шампионатот, кој е закажан за почетокот на февруари, планирани се и две пријателски средби.
На првиот тренинг тренерот на располагање ги имаше сите ракометари на кои ќе смета во продолжението на сезоната, со исклучок на Христијан Михајловски, Стефан Лазаревски и Огњен Радојичиќ, кои нема да бидат дел од ростерот во вториот дел од шампионатот. Клубот им се заблагодари на тројцата ракометари за досегашниот придонес и им посака многу среќа и успех во понатамошната кариера.
Куманово во продолжението на сезоната е без шанси за пласман во плеј-офот и ќе настапува во плеј-аут фазата, каде главна цел ќе биде потврда на директниот опстанок во Суперлигата, но и освојување што е можно повисок пласман до крајот на сезоната.