Македонскиот ракомет повторно ќе има свој претставник на европската младинска сцена, откако екипата на Еурофарм Пелистер ќе настапи во втората сезона од младинската Лига на шампионите, проект на Европската ракометна федерација.
Младите „пелистерци“ ќе се најдат во исклучително силна конкуренција, откако ждрепката им донесе противници од самиот врв на европскиот ракомет. Битолчани ќе играат против младинските селекции на Загреб од Хрватска, Алборг од Данска и германскиот бундеслигаш Фуксе Берлин.
Натпреварите од групната фаза ќе се одиграат на 30 и 31 март 2026 година во хрватскиот град Пореч. Форматот на турнирот предвидува полуфинални пресметки и финален натпревар, а само најдобрата екипа од групата ќе обезбеди пласман на завршниот „фајнал-фор“ турнир, кој во јуни ќе се одржи во Келн.
Тимот предводен од Фарук Мемиќ и Кире Митревски во одлична форма го дочекува европскиот предизвик, имајќи предвид дека во домашниот младински шампионат доминира и бележи максимален учинок. Со таков ритам и самодоверба, Еурофарм Пелистер ќе се обиде да направи чекор повеќе и на европската сцена, претставувајќи ја Македонија на највисоко младинско ракометно ниво.