ГРК Охрид продолжува да расте од сезона во сезона и сè појасно се профилира како еден од најсериозните проекти во македонскиот ракомет. Одличните резултати во есенскиот дел, исполнетите трибини во „Билјанини Извори“ и стабилноста во организацијата се јасен показател дека клубот оди во вистинска насока.
Под водство на искусниот српски стратег Борис Ројевиќ, охриѓани ја завршија полусезоната на третата позиција со 29 бодови, со импресивен биланс од 14 победи, едно реми и три порази. Тимот се истакна со најдобрата одбрана во лигата, како единствен со помалку од 400 примени голови, но и со ефикасен напад кој ги наметна како сериозна закана за секој противник.
Охрид оваа сезона на домашен терен ги совлада шампионот Еурофарм Пелистер и Алкалоид, додека против Вардар одигра два исклучително квалитетни натпревари, и дома и на гости, покажувајќи дека не се плаши од ниту еден ривал.
Во ексклузивна изјава за Спортска Мрежа, тренерот Борис Ројевиќ отворено говори за амбициите, проектот и квалитетот на македонскиот ракомет:
„Веќе во текот на полусезоната ги исполнивме целите кои беа планирани за целата сезона, но не сакаме тука да застанеме. Нашата амбиција е на секој натпревар да одиме на победа, без разлика дали играме против екипи со значително поголем буџет. Македонскиот ракомет денес е исклучително конкурентен и поквалитетен од порано, а проектот на ГРК Охрид дополнително го подигна вкупниот квалитет на лигата, која по своето ниво спаѓа меѓу најсилните во регионот, па и пошироко – ретки се лигите во Европа кои имаат четири, вака силни, екипи. Луѓето кои го водат клубот се целосно посветени, практично 24 часа дневно, а нивната енергија, визија и однос кон клубот се навистина импресивни. Токму тие се главната причина за моето доаѓање во Охрид. Имав понуди и од значително позвучни средини, но разликата помеѓу Охрид денес и пред шест месеци е огромна, благодарение на посветеноста и работата на сите нас во клубот.”
Со вакви амбиции, стабилност и визија, Охрид веќе јасно најавува атак на највисоките цели – и во домашните натпреварувања и на европската сцена, каде што во осминафиналето од ЕХФ Европскиот Куп ќе се соочи со чешка Дукла Прага.