Осогово брзо ја заборави хаваријата од Гевгелија и се врати на победите откако вечерва во Крива Паланка со 5:3 го доби Клими од Кавадарци во последното есенско коло на Првата футсал лига.
Одлично прво полувреме на домашниот тим кој имаше три гола предност, а голеадата ја започна Кристијан Ристовски во 3. минута за отварање на резултатот, десет минути подоцна Давид Ристовски погоди за 2:0, а пак Кристијан Станојковски во 17. минута погоди за 3:0 на пауза. Во вториот дел по само три минути игра Станојковски погоди по вторпат за 4:0.
Гостинот од Кавадарци се „разбуди“ па постигна два гола преку Андреј Коцевски и Марјан Манев за 4:2, но за нешто повеќе Клими немаше сили. Кристијан Ивановски постигна гол за 5:2, а Давид Крстески ги постави конечните 5:3.
Клими ќе презими како петти на таблата со 12 бодови, а пак Осогово како осми со девет бодови.