Екипата на Влазними од Струга ја завршува најуспешната полусезона во последните години, откако со учинок од шест победи и само еден пораз се наоѓа на првото место во Третата лига – Југозапад со 18 бодови и најдобар напад во лигата со 24 постигнати погодоци. Во недела Влазними ќе го игра дербито на колото против второпласираниот Кравари, кој има 17 бодови, но и натпревар повеќе.
Во пресрет на дербито, разговаравме со искусниот фудбалер Аљтин Лога, кој е еден од најискусните играчи во редовите на Влазними и кој сезонава претставува вистински лидер на теренот.
Каква е атмосферата во екипата по одличната полусезона и колку сте задоволни од сè досега?
„Атмосферата е одлична, сите сме фокусирани на последниот натпревар. Играчите се мотивирани да ја завршиме на најдобар начин оваа одлична полусезона и да бидеме есенски шампиони.“
Целите се јасни – бараж за Втора лига. Дали сметате дека има потреба од засилувања за пролетниот дел и подобра организација во клубот?
„Па секако дека амбициите се да сме шампиони на Трета лига – Југозапад и да обезбедиме учество во баражот за влез во Втората лига. Секако дека имаме потреба од засилувања и од добро реорганизирање на клубот, каде што ни фалат многу работи. Но, со добра волја и помош од луѓето што го сакаат клубот мислам дека ќе успееме да направиме добри работи на крај.“
Следува дербито со Кравари – како се подготвувате и што очекувате од натпреварот?
„Па нема да потценуваме никој во лигата, секој натпревар е битка што треба да се добие. Така ќе биде и со Кравари – респект за секого, но Влазними оди на победа и на овој натпревар. Се надевам дека тоа и ќе го оствариме и дека ќе завршиме со стил оваа полусезона која за нас како клуб и како град значи многу!“
Како стои Влазними со младите фудбалери и академијата?
„Со моја лична иницијатива се реактивира академијата на нашиот клуб. Секако дека Струга секогаш поседувал големи таленти, и наша цел е за брзо во нашиот клуб да ги промовираме овие таленти кои во иднина ќе нè направат горди. Треба многу упорна работа, ни фалат многу работи во тимот, но сепак верувам дека има уште луѓе кои сакаат да помагаат. Мора да заблагодарам на нашиот претседател Насер Синани кој стои позади нас, меѓутоа сакам да потенцирам дека тимот има потреба од уште други спонзори и луѓе од добра волја кои ќе му помогнат на гордоста на нашиот град да се врати силно во македонскиот фудбал.“
Дербито меѓу Влазними и Кравари се игра в недела, во рамките на 9. коло од Третата лига – Југозапад. Стружани влегуваат како лидери на табелата и со голема мотивација да ја завршат полусезоната како зимски шампиони.