Женската сениорска репрезентација на Македонија на 19 октомври (недела) од 18:00 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе ја пречека селекцијата на Словенија, во рамките на квалификациите за Европското првенство 2026.
По одличната атмосфера на последните натпревари во Битола, „рисиците“ на селекторот Кристијан Грчевски повторно се надеваат на поддршка од полни трибини и навивачка енергија што ја карактеризира оваа сала.
Со цел да им овозможи на сите љубители на ракометот да бидат дел од овој настан, Ракометната федерација на Македонија направи популарен потег – влезниците чинат само 100 денари.
Продажбата започна преку мрежата на „МК Тикетс“ – онлајн на mktickets.mk и на сите продажни места низ државата.
Македонските ракометарки во рамките на октомврискиот циклус прво ќе ѝ гостуваат на Германија (16 октомври), а потоа ќе се обидат да дојдат до првата домашна победа во новите квалификации против Словенија.
Битола уште еднаш ќе живее во црвено-жолти бои — со ракометна магија, емоции и национален дух во салата „Боро Чурлевски“.